Богочовекот

четврток, 20 септември 2007

Седи на соседната масата и гледа длабоко во моите очи. Неговите остри црни црти на лицето треперат го гргорот на ресторанот во кој седиме. Го пијам кафето кое по некоја логика треба да ми е прво, утринско. Но сега е време за ручек, барем така е тука на Балканот. Дождот кој се слева по огромните стаклени прозори на ова место ме потсетува на некој тмурен ден кој треба да биде исто толку депресивен колку што е влажен. Си ги греам премрзнатите раце со шољата за кафе.

Додека му објаснува нешто на човекот кој ми е завртен со грбот, постојано ме погледнува и ми изгледа како премолчено да ме прашува што правам само во ова време во еден ваков преполн ден. Неговото бело лице ме потсетува на нешто невино, но црната перфектно потстрижена коса ми остава впечаток на човек кој сака да има контрола над својот живот. Под црното палто, беспрекорно бела кошула без вратоврска, која завршува во црните пантолони. Црни, проникливи очи кои влеваат доверба. И полни, широки усни во подножјето на остриот кукаст нос. Богочовек. Тоа е вистинскиот збор со кој би го опишала овој човек кој седи на соседната маса и ги држи правилно дланките на масата. Го јаде својот десерт и сите околу него го чувствуваат уживањето кое му го стресува телото во тој миг. Си го допивам кафето. Гледам низ влажниот прозорец и го чувствувам ледениот ветер кој не допира до мене, но го имам во душата.

Поминува со своите прсти по кожата на мојот грб и крстот. Го чувстувам како ме допира со секој дел од телото, со целата своја тежина. Ми шепоти колку му се допаѓа мирисот на цимет по целата кожа. Чувствувам како Богочовекот полека навлегува во мојата утроба додека со раката ми ги покрива очите. Музиката која веќе неколку недели ми одзвонува во ушите, од оној ден кога прв пат го видов на соседната маса, повторно ми е во умот. Расте сосема јасно, до моментот кога заборавам дека се друго постои околу нас. Само ладните бели прсти, црните очи кои ми копаат по душата, острата кратка брада која ме боцка по целото лице. Се спојува во мене, до оној момент кога во мојата утроба ја чувствувам целата топлина која останува на ова небесно место.

Силно ми ја стиска раката додека се обидувам да ја убедам дека треба да го пречекори прагот на црквата и во истиот момент да напише невидлив крст преку своето тело.
Па, мамо види, другите деца не го прават тоа и пак ги пуштаат да влезат внатре, ми вели и ми изнудува уште една насмевска на начинот на кој само мојата ќерка го може тоа. Нејзините златести кадрички кои и преминуваат во плетенки на вратот ми се плеткаат низ прстите и си помислувам дека ова е убав ден за крштевка. Го носи бело- синото морнарско фустанче кое сама го одбра за шестиот роденден.

Се искачуваме во камбанаријата, таму ќе се оддржи церемонијата. Додека рипка по скалите, од зад грбот го слушам гласот на мојата другарка од детството која ќе ја крштева мојата ќерка. Свештеникот влезе во малата но силно осветлена, стаклена просторија. После толку години повторно ги видов тие црни очи и истите трепки кои со години ме прогонуваа во соништата. Црна мантија закопчана до вратот по сите правила, лице перфектно мазно и израз кој оддава впечаток на човек кој сака да го држи животот под контрола.

Пред очите ми играа две фигури, додека ми се враќаа сликите како тој длабоко ги зарива своите заби во мојот врат. Ќе ја испијам сета твоја циметова крв, а тогаш кога цела ќе бидеш дел од мене и твојата душа ќе стане моја, овие зборови станаа мојата реалност која ме прогонува во годините кои ги живеев од неговото мистериозно заминување. Се што ми даде тој човек беа најубавите 23 дена во мојот живот.

Таа ме врати во реалноста кога почна да ме прашува дали ќе ја бањаат во таа мала кадичка, дали ќе ја прашуваат чудни прашања. Тој се заврте и се стаписа, но веќе беше доцна, церемонијата започна. Богочовекот се приближи кон нас.... Вие сте мајката? Мојата глава се затресе кон вратот. А таткото?.... Татко ми е на небото, се огласи мојата мала ќеркичка. Тој ја фати за рака и и рече... така те учи мајка ти а? Мојата најголема и најтемна тајна се најде притисната до самиот ѕид на малата соба.

Шољата со топлото кафе ми се лизна од рацете и се истури по целата маса и на моите нозе, а јас срипив во истиот миг. Човекот од соседната маса притрча да ми помогне додека по прозорите се уште се слеваше дождот. Неговото бело лице ме потсетува на нешто невино, но црната перфектно потстрижена коса ми остава впечаток на човек кој сака да има контрола над својот живот. Богочовекот се насмевна. Мора да беа тоа некои убави мисли судејќи по вашата искрена насмевка додека ве гледав од онаму, рече тој, можеби би сакале некој ден да ми раскажете повеќе. Требаше да кажам некој збор, барем да изустам нешто. Богочовекот го очекуваше тоа од мене.

Го отворив чадорот по кој поројно почна да се слева дождот. Одев по празната улица сеуште молчејќи.

I need your loving like the sunshine...

сабота, 15 септември 2007

05.11.2010 Беше тоа една обична зима. Во којa заспав додека чекав да дојдеш. Донесе вино, бело и ладно, баш онакво какво што сакам. На истото она место каде секогаш се сретнуваме, додека надвор ладната вечер го завиваше целиот град. Беше темно во собата... се слушаше само твоето дишење и часовникот во другата просторија. Ме допираш под косата, на вратот.... ме бакнуваш со твоите топли усни. Ми рече дека ова трае предолго и дека можеме да се обидеме да бидеме сериозни.

12.02.2011 Нашата прва караница. Бесна и со црвени очи од кои ми излегува целата лутина, се караме, врискаме и ти го кажуваш тоа ебано те сакам. Кажа се!

27.12.2012 Веќе подолго време сме ладни. Јас со моите проблеми, ти со твоите. Знаеме дека освен тоа што се случува во кревет, другото одвај и да функционира. Секоја караница завршува со неверојатен секс, многу солзи... и извинувања... и тишина. Мачна тишина која се повеќе ни го исполнува животот.

16.02.2013 Таа вечер ме пречека со цвеќе кое одвај те натерав да го купиш. Цвеќето ме потсетува на смрт, ми рече еднаш. Дали тоа беше знак на нечива смрт онаа вечер додека ме чекаше цупкајќи во место, обидувајќи се да се стоплиш?

Се качивме по скалите на највисокиот кат на зградата. 6 ката кои ми изгледаа како вечно да ги качуваме. Во левата рака ги држев црвените рози, десната ја стискав во тупаница поради напнатоста која ја чувствував. Молчевме. Само скалите потпевнуваа под нашите чекори. Закрцка вратата од најгорниот кат.... ме внесе во затоплена, темна просторија која беше целата во стакло. Надвор се гледаше делот од стариот град кој спиеше под снегот. Отвори бело вино.... топло, одвратно.... и го стави во две чаши. Се приближи и почна да ме соблекуваш. Предиграта не траеше ни две минути, оддеднаш почна насилнички да пробиваш во мене и ми ги бараше усните да ме бакнеш. Се што добиваше е само тишина и цврсто стегнати усни кои се обраќаат на некој друг начин- тебе непознат. Заврши како и обично, само ти, и запали џоинт. Додека се облекував го гледав мојот одраз во стакленикот пред мене. Мојата бела кожа беше речиси модра од студ, но јас не чувствував дека ми е ладно. Можеби само ми се причинуваше.

Се доближив до стаклената врата. Не, мојата уста навистина беше модра.... како модра слива. На вратот имав црвени трагови од твоите заби, кои пред малку силно ги зариваше во мојата кожа. Телото ми го поминаа морници. Ми се гади од сево ова, си помислив. Се завртев кон тебе и само промрморев дека ќе си одам. Ме погледна и во твојот поглед видов загриженост... еј, што ти е? Зошто си модра... по вратот, лицето, усните? Не се чувствуваш добро?

Се беше совршено. Белите куќи на стариот град, моето бело лице, твојата снежно бела кошула, перфектно закопчана до шинелот. Те оттурнав со мојата бледа рака и тргнав кон полупразното шише со вино. Додека поминував покрај масичето на кое стојат клучевите од твојата кола го видов ланчето на кое висеше каменче аметист. Проклетиот аметист кој ми го уништи животот. Излив во чашата неколку голтки од виното и се припив до твоето тело покрај прозорецот. Полека почнав да ги влечам ладните прсти по твојот врат, гркланот и градите се до папокот и местото каде започнува целата игра, препоните. Раскопчаната кошула падна на подот, а ти се уште гледаше во далечината додека ти го бакнував грбот.

Со левата рака го излив виното во мојата уста и во истиот момент ја пуштив чашата да се скрши на подот. Ти не се ни заврте. Тоа беше крај на долгата снежна зима. Ќе ми недостигаш, прошепотив на твоето уво и со десната рака и цела сила те турнав низ стаклото. Ладниот ветер ми плесна в лице. Се слушна твоето тапо слетување на земјата. Ги грабнав розите и ги фрлив низ искршеното стакло. Парчиња стакло се уште паѓаа во снегот.

Го грабнав аметистот... и чевлите и тргнав по скалите. До приземјето мојата шминка веќе беше уништена од солзите кои обилно се слеваа по моето лице. Зарем можеше ова да ми го стори, да си го одмезе животот, пред моите очи? Во снегот лежеше тој. На неговите гради црвените ружи, симбол на смртта. Комшиите ми притчаа да ме утешат. Ги слушав како шушкаат дека бил нестабилен психички, се прашуваа зошто го сторил тоа кога во животот се му одело од рака, зошто пред девојката која му значела се во животот, зошто ли се самоубил?

17.02.2013 Го одведоа телото. Тргнав кон празната снежна улица. Беше 3 по полноќ. Влегов тивко дома. Врелата вода ми се слеваше низ телото, крварев, можеби од грубиот секс од кој ми се гадеше веќе подолго време. Аметистот стоеше во чантата се додека не излегов од бањата. Никогаш немаше да се случи ова да не решеше да се заљубиш во неа. Ги облеков најубавите чевли, оние црвените кои ти ги обожаваше. Ги налакирав ноктите. Го извлеков каменот и го ставив на плочките кои заедно ги редевме пред една година. Аметистот се распрсна под притисокот на мојата тежина. Капки крв на сите страни. Крај.

Одам да спијам... вечно. Некаде прочитав дека ако надолжно ги пресечеш вените, никој не може да те спаси. Вредеше да се проба.

Најубави желби

четврток, 13 септември 2007

Таа влезе во ходникот. Не слушаше ништо освен едно тивок глас кој нешто како во далечината да зборува. Го познаваше многу добро тој глас. Но, гласот како да липаше, како да цимолеше во придушената топлина на денот. Таа го држеше цврсто чоколадото во раце и не се ни осмелуваше да праша што се случува.

Одеа покрај дрвата и покрај оние познати високи зелени згради, пат по кој поминувале безброј пати до сега.. Гласот кој пред неколку часа цимолеше, беше невообичаено тивок во топлата приквечерина. Одеднаш се откорна еден тон кој ќе остане да одѕвонува уште многу години подоцна во нејзините уши. Гласот рече.... тој е мртов, умре.

Точно осум години подоцна, таа посакуваше тој да е тука... да ја држи за рака, да и кажува дека се гордее со својата ќерка, да се насмевнува додека таа матурира. Но тоа беше само еден обичен сон. Цели одум години одкако умре...
таа само одвреме навреме ќе ја извлечеше и погледнеше единствената фотографија на својот татко и ќе го преколнеше што ја оставил... да се справува со животот без неговите совети.

Таа вечер го правеше она што единствено и дозволуваше да се чувствува како да е дел од нешто. Лежеше на креветот и лебдеше во воздух. Како и мајка и дедо и пред неа, и уште многу други предци кои го издигале својот дух... Од мала имаше една игра во која легнуваше на кревет... се опушташе и почнуваше да се одвојува од телото. Многу години подоцна дозна дека тоа се нарекува астрална проекција. Како поминуваа годините, нејзината способност да лебди над својот кревет се послабо ја владееше.

Но таа вечер се виде себеси.... како умира во соништата и се сели од една во друга земја. Ги виде сите свои сакани луѓе со кои делела дел од животот. Го виде него... уште помлад и посвеж од она време кога таа го помнеше. На неговото лице немаше загриженост, немаше лузни од времето, немаше огорченост. Имаше само каење и неизмерна љубов. Ја прекори ќерка си за постапките кои биле непромислени и брзоплети. Ја погали по костенливата коса и само и рече... требаше да те научам да возиш оној зелен ден...

Се разбуди. Покрај нејзиното ладно бледо тело... лежеше едно мало врело телце. Нејзиниот Вања, нејзиниот мал ангел, буден и со двете рачиња во нејзината кадрава костенлива коса. Му се насмевна и го бакна. Колку само наликуваше на нејзиниот татко. Знаеше дека е време да почне да се справува со проклетството на љубовта.

Весели цветови

понеделник, 10 септември 2007

Од прозорецот на работа ми се гледа детска градинка. Секое утро додека си правам нес кафе со ладно млеко.... ги слушам децата како пеат. Неретко им пуштаат детски песнички и ги тераат да скокаат и играат на големата тераса на градинката.

Утрово.... си седнав на тераса.... немаше никој освен јас и дечињата што пеат. И додека така ги гледав ми текна на времето кога јас одев во градинка. Всушност јас таму израснав. Мајка ми ми кажуваше дека прв пат ме пуштиле во градинка уште во јасли.... и сум одела од дете до дете и сите сум ги гушкала сите, ама коа сум видела дека сите ми бегале и ме удираат... сум почнала да станувам злобна.... Ете од каде се моите насилнички корени, кои ги користам само во ситуации кога се осеќам загрозена. Е после тоа на 2 години.... од мојата тераса сум викала по другар ми од 7ми.... Степче (ова е мој начин да кажам Стевче) и сум добила асматичен напад.... и ме однеле во болница каде сум била цел месец. Нема потреба да кажувам дека одвај ме спасиле.... а на мајка ми и рекле дека ако пак добијам напад ќе бидам асматичар за секогаш. Но, ете тоа не се случило и сеа сум само насилен неасматичар :)

Кога решиле да ме вратат во градинка сум имала 4 години, но знам дека најтажен дел од денот ми беше кога сите деца си одеа дома. Тогаш застанував крај една стаклена врата и ја чекав мајка ми да дојде да ме земе. Секогаш останував меѓу последните деца кои си одеа дома. Не памтам многу од тој период, но знам дека речиси секогаш беше врнежливо и тмурно.

Кога не одев во градинка ме чуваше прабаба ми.... прекрасна жена... беше неписмена, но најпаметен човек кој сум го сретнала во животот. Мајка ми секогаш кажува дека била космополит и филантроп.

И додека ги гледав децата.... се прашував која е нивната приказна. Дали тие имаат баба како мојата и дали си ги чекаат родителите додека надвор истура како од крбла... дали можеби имаат другарче кое го викаат Степче... или пак одам во болница заради асматични напади? Дали можеби како мене за 20 години ќе седат на некоја тераса и ќе се прашуваат истите работи.

Во глобала се прашувам како животот функционира во секоја нова година која ја живееме... каде ќе бидам јас за уште 20 години.... дали тоа ќе бидат моите деца кои ќе имаат прабаба која е филантроп или ќе имаат мајка која ќе доцни секогаш да ги земе од градинка?

Кога целата шминка ќе ја симнеш од лицето

недела, 9 септември 2007

Луѓето кои се навистина вреди да ги запознаеш во животот обично ги одминуваш или ја сјебуваш работата уште пред да ја извадиш на виделина. Чудно е тоа како животот си игра со луѓето и како патиштата ти се испреплетуваат и едноставно не можеш да го најдеш крајот.

Се ќе беше одлично да не работеше мојата љубопитност, која морам да признаам неколку пати во животот ме тупнала по носот. Но никогаш не ми доаѓа паметот. Дали вреди заради некоја девојка која ја знаеш на две на три... да се впуштиш во авантура која може да те повреди? Е мојата авантура нема баш среќен крај како во сите други приказни. Мојата завршува со тоа што јас морав да си ја отворам душата, да зборувам за работи кои никогаш не зборувам, да бидам бесна и ужасната, да бидам среќна и исполнета, да слушам некого со внимание и да давам внимание, и на самиот крајот да бидам искрена.

На патот до моето инаетење и смислување како да го зезнам тој што ме повредил со тоа што го кажал за мене... престанав да мислам како ме навредил и едноставно почнав да го гледам вистинското лице на човекот кој во друга ситуација не би можела да го запознаам. Дали во купчето лаги кои ги кажав имаше и еден куп вистина и зошто на некој кој ме навредил му доверувам толку работи ако знам дека еден ден сето тоа ќе пукне како балонче од сапуница?

А неговата страна, она што тој ми го кажа и што тој ми го направи во секојдневието не може да се спореди со ни една друга работа која сум ја доживеала во животот. Во еден ден тој можеше да ме изнасмее, да ме расплаче и да ме направи да чувствувам колку животот знае да биде суров и неправеден. Понекогаш толку сакав да му кажам која сум и да му речам дека јас секогаш ќе бидам тука, но...

И сега се прашувам зошто си дозволив толку да се приврзам и на крај да морам да повредам некој што објективно не го заслужил тоа и кој ме пуштил безрезервно да му влезам во животот, а дури не тропнав ни на влезната врата. Додека седев на работа.... и си размислував колку ми е досадно и додека чекав да се уклучи за да ми раскаже како поминал на тестот.... си се смешкав.... обврските ми беа полесни. Или додека одев од банка во банка и ја слушав Somewhere I belong, и пеев по улици како мутава, се ми беше некако поинакво... целиот град, сите луѓе. Колку ебано добри денови ми пружи.

Го напишав тој mail кој толку време ме измачуваше и го пратив. Не сакав да знам што ќе ми одговори, ниту што ќе помисли, бидејќи знаев дека ќе биде бесен. Само го исклучив комјутерот, мобилниот, светлото и останав со моите мисли. Колку ни е лесно нам луѓето да си играме со туѓите чувства, ама се додека не дојде во прашање нашата душа. Се прашував како ќе се осеќав јас мене некој да ми го направеше тоа и не најдов одговор.

Таа- те фрикна маилот?
Тој- ... ме скрши

На овие зборови немав што да вратам. Искрено не сакав да заплачам, но го најдов одговорот на моето прашање... да ми направеше мене некој така и јас ќе бев скршена. Знам дека тој тоа никогаш нема да ми го прости ама... I want you to know who I am... затоа што така е правилно, а твоите тајни се закопани во мене.

Не се шминкам многу, но понекогаш да..... Но маската си е маска, не се трга лесно од лицето... и таа секогаш си стои така скаменета таму. А под кожата сите сме луѓе од крв и месо. Но, кога ќе се симнат маските започнува вистинската забавата.

Ако никогаш не ме сретнеш и ако некогаш немаш шанса да ме запознаеш мене... секогаш ќе можеш да кажеш дека сум лудачата што те прашуваше најчудни прашања. И на крајот од краиштата овој град е голем.... а ние и онака ретко се среќаваме.... па се ќе биде во ред.

Кулинарски способности и мојата фрустрација

петок, 7 септември 2007

Половина килограм свежи равиоли со спанаќ и со сирење, ги варите 14 минути. Бешамел сос.... како по рецептот на баба ви.... ставате кашкавал да се истопи во него, ситно сецкани шкампи кои претходно сте ги сварите и половинки шампињони.... зачини по вкус... се разбира. Сосот кој е врел го прелевате на полураспаднатите равиоли..... и додавате малку парамезан и лажичка павлака и украсувате со нане......

Рецептот нема да ви успее ако на сред подготвување на храната не се јавите кај оние кои ги очекувате на вечера и тие не ви речат дека ќе дојдат за саат време. А вашата ТОПЛА вечера ќе биде готова за максимум 15 минути. Е откако ќе се изнервирате како никој...... и откако ќе почнете да вришите по сите дома..... ќе ги преварите равиолите. Солената врела вода која ја истурате ќе ја замените со солените солзи кои ви течат од мака што ве заебале, а сте сакале се да биде перфектно. Дали го чуствувате и вие тоа..... или само јас сум перфекционист во куќава? Потоа им се јавувате по втор пат и им вриштите на телефон дека ако не се нацртаат за 20 минути, воопшто нема потреба да доаѓаат бидејќи ќе ја истурите храната во WC (water closet) шоља.

Масата е наредена и празна..... горат сини свеќички кои одат во пар со салфетките и чаршавчето. Прибор за јадење подреден по сите стандарди, со кој вечерва никој нема да се послужи, очигледно. Перфектно измиени високи чаши за белото вино кое го држам во фрижидер..... но нема да ми требаат чаши затоа што планирам сама да си го испијам виното од самото шише. Десертот.... со цимет..... ќе остане во фрижидерот... можеби ќе го изедам целиот самата кога ќе се подотрезнам од виново. Тивка музика која ми се сложува со мирисот на air wick кој го употребувам дома..... жално е тоа како изгледа мојата соба во моментов.... жална како мојата нажалена душа.

Единствено нешто што ќе биде убаво вечерва се моите соништа кои не завршуваат никогаш и мојата уште една цртичка преку имињата на луѓето кои сум ги сметала за блиски, а сум сфатила дека не заслужуваат ни грам од моето внимание.
Добра ноќ..... и добар сон.... без пијавици ноќва молам!!!!!

Афион

четврток, 6 септември 2007

Тој сфати дека таа не го привлекува повеќе. Тоа беше сосема јасно по неговите постапки. Не можеше повеќе да ја гледа во очи, ниту пак да го слуша нејзиниот глас. Просто го излудуваше.

Од време на време во главата си ги враќаше спомените од оние денови кога тој постојано беше крај неа и се чуствуваше како да го има целиот свет во рацете. Но тој сега имаше еден поголем проблем. Таа беше луда, а тој беше заљубен во нејзиниот брат. Не сфаќаше како тоа се случи, но знаеше дека не може уште долго да ги крие своите чувства. Постојано мислеше на неговата коса и на начинот на кој тие разговараат. Со нетрпение го очекување секое нивно наредно гледање.

Тој ден тргна кон колата и појде. Сакаше да го посети и да поразговара за сета глупава ситуација која го следи во последно време. Таа му се закануваше дека ќе си го одземе животот ако ја напушти или пак дека ќе го убие него. Беше тотално луда.

Нејзината лудачка коса се повеќе наликуваше на гривна од лав кој бесно рика во зоолошката градина секоја ноќ. Легнуваше крај неа и по цели ноќи се присеќаваше како го поминува времето со него. Го сонуваше секоја ноќ и го бараше неговиот мирис додека ја прегрнуваше неа. Дури и во миговите кога водеа љубов, неговите мисли беа далеку и си замислуваше како се заедно во тој миг, и како нивните тела се допираат едно со друго. Зарем беше лудо што посакува маж, а одбива жена со која беше подготвен да го помине животот.

Утрото беше влажно. Влезе во дворот на последната куќа од патот. Беше тивко и магловито, а низ превезот на дрворедот се назираше топлината на каминот кој гори во дневната соба.

Влезе, но таму немаше никој. Никој не го пречека и тој беше сосема збунет. Што ли ги нема? Зарем се уште спијат? Собата беше спремена како да го очекуваат. Еден невообичаен звук ја распори тишината. Беше тоа морничаво шрипење на нешто метално. Се присети дека можеби доаѓа од подрумот и тргна кон скалите.

Во темината ја напипа кваката и со едно чкрап веќе се најде од другата страна на вратата. Таму, во темно црвен сатен, лежеше обвиткано неговото тело. Но не беше сам. Уште една фигура се извиткуваше над него. Не можеше да препознае дали тоа е жена или маж. Го напрегаше погледот се повеќе и се приближување се до самиот кревет. Не го забележуваа. Речиси беше се допрел до креветот, но се уште не можеше да види чија е фигурата која полека се извива над телото на нејзиниот брат.

Ликот молскавично се заврте и тој конечно виде за кого се работи. Се виде себеси самиот, гол и целиот испотен како изведува ритуал врз телото на својот господар.

Се стаписа во моментот и се разбуди. Беше мрак.

Крај него лежеше таа. Блудна и бујна. На црвениот сатенски чаршав кој го купија за денот на вљубените. Ја прегрна и се припи до нејзиното голо тело. Мирисаше на афионот кој го јадеа пред да заспијат. Го чувстуваше вообичаениот мирис на цимет на нејзината коса. Ја сакаше најмногу на целиот свет.

Каков чуден сон. Имаше уште три часа за спиење. Во утрото требаше да му помогне на брат и да се пресели во новата куќа.

I don't want the world to see me

среда, 5 септември 2007

And I'd give up forever to touch you
Cause I know that you feel me somehow
You're the closest to heaven that I'll ever been
And I don't want to go home right now.

Многу често во животот се чувствуваме како да е време да си ги тргнеме маските од лицето под кои се криеме. Но само кога ќе помислам дека под мојата платиниумска маска се крие кожа која е ранлива и кревка, веднаш го менувам мислењето.... и ете ме повторно позади мојата сигурна бариера.

Така вчера забавувајќи се и не обрнувајќи внимание на ништо и на никого се запрашав зошто ние луѓето глумиме. Додека со мојот најдобар другар игравме танго на една од моите поомилени песни (Staying power- Berry White) му реков дека ми е доста секогаш да се однесувам како во животот се да ми е супер.

Доста ми е од вештачка насмевка, каква што од мене очекуваат сите, куртуазни муабети, доста ми е од протоколарни разговори.... кои ми станаа секојдневие. Нема повеќе забава, нема повеќе вистинска среќа во мојот живот, изгледа како на сите да ни е подобро да си седиме позади сигурната маска која ни ја облекла општеството.

Сега дури и кога запознав некој навистина посебен и кога знам дека тоа не му се случува на секого (а најмалку не мене), сега кога најмалку очекував и кога не верував дека постојат такви луѓе... секој момент пробувам да си се скријам, од страв дека ќе бидам повредена повторно.

Дали ние луѓето ја губиме довербата во се што е околу нас? Па дури и во најблиските?! Ова ме потсетува на старите руски класици кои длабоко ја анализираат душата на луѓето. Ми се чини дека живееме во волшебен свет на злосторство и казна.

А можеби е само од дождов?! Тоа е само септември.... и само есен...... најубавото време во годината.

And you can't fight the tears that ain't coming
Or the moment of truth in your lies
When everything seems like the movies

Yeah you bleed just to know your alive.

Мажите и жените пред состанок....

понеделник, 3 септември 2007

Се запознале во сабота навечер во мрачниот дел од дискотеката и си размениле броеви. Во понеделникот тој и се јавил и ја викнал да одат на кафе во вторник во 9 саатот на кеј. Спуштаат слушалка и понатаму приказната се одвива вака....

ТАА

28 саати пред состанокот

- ми се јави, ааааа, леле, ми се јави!!! И се јавува на најдобрата другарка и и раскажува се до најситен детал.... мелат така 4 саати..... дали да оди на фризер, на педикир, маникир, психолог и на барем три пластични операции.

- вришти на телефон од адреналин се додека татко и (кој не може да заспие) не почне да превртува со крвавите очи

- разговара со мајка и до 3 саат сабајле за тоа како татко додека и пеел серената доп прозорот, заврнало и тој целиот бил воден и од тоа добил запаление на белите дробови

- ноќта ја поминува без да заспие ни една минута, хипнотизирано гледа во плакарот и се надевам дека некоја комбинација од облека ќе и се прикаже сама од себе

- утрото на денот Д, оди во град и купува сосема нова облека, бидејќи во текот на ноќта заклучи дека нема што да облече

10 саати пред состанокот

- полудува поради подочњаците (бог да лува, а се храни здраво, макробиотика, органска храна!!!) и проверува дали и фали нешто од шминките... за да може да се камуфлира успешно

- трча со најблиската парфимерија за да купи моливче за очи кое ќе и одговара со ташната, но моливчето е 3 сантиметри подолго од ташната, па не го собира, па зема да го остри при што ги усерува новите пантолони кои до пред неколку секунди беа совршени. Оди по нови пантолони.

- на пат накај дома забележува дека и испукале врвовите на косата, и плаќа двојно на фризерката да ја прими преку ред, па кога е веќе таму прави и по некој нов прамен во косата

- попат купува и нов парфем

5 саати пред состанокот

- не знае каква долна облека да носи. Мозга. Откачено- не. Провокативно- не. Ги претура гаќите и прслуците 3 пати и пак ништо. Прслучето не и одговара со блузата.

- почнува да плаче и со маскарата ги сјебува и овие пантолони, полудена зема некои од плакарот на мајка и

3 саати пред состанокот

- се бања, се депилира, ги шмиргла забите, ги масира непцата. Во кадата има 30 сантиметри слој од различни соли, киселини, лековити билки, изумрени суштества.

- ги чупа веѓите, пуши, ја пали цигарата од погрешната страна, пцује, се дере.... татко и не може да дојде до вц, па моча во кригла

1 саат пред состанокот

- добива менструација и ги сјебува и овие пантолони. Вришти, плаче, шета по дома и ги соблекува панталоните на мајка и. Сите и се тргаат од патот бидејќи сее смрт полоша од сифиличен- трипер радикал на причји грип.

10 минути пред состанокот

- се полева со парфем, под мишки се трие со освежувачот од колата и сфаќа дека ги исфлекала панталоните со мирисот. Ја удира главата од воланот и фаќа автобус.

15 минути по договореното време за состанокот

- стигнува на договорено место, го здогледува и си помислува.... Леле колку е сладок!!!

ТOJ

3 саати пред состанокот

- гледа телевизија и си го чепка носот

- се обидува да се сети што има договорено за вечерта. Насред мисловниот процес, нешто почнува да го чешка по јајцата, сфаќа дека не го дркал веќе два дена, бидејќи во саботата се направи клен така што дури вчера си дојде на себе.

- после дркањето сепак се сети дека има договорено кафе со една од двете девојки кои ги запозна во саботата, на која не и го памти дури ни лицето, а камо ли името, ама во неделата го најде нејзиниот број начкртан на подлактицата

2 саати пред состанокот

- гладен е, оди во кујната додека си го чешка, и гледа на масата чварки, сланина и лук..... размислува 3 секунди дали да си го скрати задоволството, но решава и загризува од лукот

- обилната вечера ја залива со две пива и си подждригнува како нилски коњ, се додека мајка му не побесни и не влета во кујната

- ја моли мајка му за 500 денари, но таа не сака ни да чуе. После и објаснува како има нова риба и дека сака да и купи цвеќе и мало поклонче..... па мајка му вади 650 денари и почнува да раскажува како татко му украл 5 ружи од дворот на комшијата, па сакал да ја бакне, но комшијата почнал да ги брка..... и од тогаш има болно стопало

- не го дочекува крајот на приказната..... излетува набрзина и оди во маалскиот кафич. Нарачува пиво, купува цигари и ја догледува утакмицата.

Пола саат пред состанокот

- доаѓа дома и се соолува со најголемата дилема, дали да се тушира или само да си го замие?

- гледа скратена снимка од лига на шампионите и му текнува дека утре е договорен да игра мал фудбал во балонче и дека ќе се поти како стока...... така што нема смисла да се бања цел

- мрзоволно оди само да си го замие!!!

- додека со десната рака си го држи, со левата ги турнува сите четки за заби во лавабото.... тоа очигледно ја нервира мајка му која улетува во вц и е забезекната од она што го гледа

15 минути пред состанокот

- ги вади носените чорапи од под креветот и ги душка за да утврди кој може уште да се носат. Иако гаќите не можат веќе да послужат, освен на некој форензичар.

- тргнува, ама на врата му се присерува, а тоа секако не смее да се пропушти

- го зграбува Македонски Спорт, се чешка, подпрднува и медитира се до последната страна на весникот

15 минути по договореното време за состанокот

- стигнува на местот договорено за состанок играјќи џебен билијард. Ја здогледува и помислува.... У курац... оваа е таа со помалите цицки!!!

Тhe light in the darkness that never ends!!!

недела, 2 септември 2007

Понекогаш му ги замислувам прстите на рацете, ковчести и издолжени.... ладни и нежни, но бели дланки. Го замислувам како ги затвора очите додека се смее на моите глупости и како само полека ја затегнува долната усна во форма на лак. И конечно моментот кој го очекувам толку време.... трепките.... долги, завиени нагоре..... како му ги сокриваат зениците во кои ги барам моите одговори.

Кога прв пат почнав да раговарам со него.... само знаев дека имаме премногу заеднички работи.... едноставно како да си го гледав ликот во огледало.... а ликот ми одговараше сосема потполно и максимално.... но беше со машки облик. Како таму да се гледав себеси но не можев да си го видам лицето..... а сепак не бев испашена од тоа што не го знам. Кога му го дознав името знаев.... сосема знаев дека нешто има. Денот на моето раѓање е неговиот именден (се сомневам дека и самиот знае) и што е најинтересно точно 6 месеци има од неговиот до мојот роденден.

Колку повеќе откривав за себе, толку поголема сигурност чувствував. Колку повеќе знаев за него, толку повеќе се приклонував кон тој непознат човек. Постојано се прашував зошто не ми станува досадно.... зошто не ми е непријатно да му кажам детали, дури и за мојата сексуалност.

Се што требаше да биде табу сега беше тема на разговор. Се она од што секогаш сум се срамела, она кое не сум го дискутирала дури ни сама со себе, сега беше најотворен разговор. Мојата несигурност стануваше сосема незабележлива, па дури ми се чини и симпатична. Како мало дете, кое си го нашло својот мецена.... и се топли во широките прегратки на своето плишано мече.

Оддеднаш добив пријател кој не го барав или барем мислев дека не го барам. Тој ги чувствува моите мисли и ги разбира моите емоции. Но и јас неговите. И не сакам да го изгубам, ме прави да сум јас..... конечно да сум вистинската јас..... без лаги, без срам.

И некако чудно го поврзувам со зима. Моето омилено годишно време..... кога се е бело и убаво и ладно, па може да се грееш со топло чоколадо. Можеби мојата душа е чиста само во зима.... па можам да бидам јас.... кога ќе ме запознае.

А тој е само тивок но внимателен.... и секогаш има мислење за се. Смирен но доволно бунтовен за да те оддржува во исчекување. Едноставно..... совршен, па дури и со сите лузни на нозете.

На мојот нов и се надевам вечен пријател....

You have to forgive me, you have to forgive me.....

Ако заборавам како се викам еден ден..... нема да има кој да ме потсети.
Нема да има кој да ме прегрне да ми каже дека се ќе биде во ред. Ако се изгубам нема да има кој да ми даде рака и да ми рече оди само право.... ќе си го најдеш патот.
Ако сите еден ден останеме сами затоа што сме лоши луѓе, тогаш кој ќе го вози авионот, кој ќе ни продава мастики, кој ќе не учи физика. Сите ќе бидеме тажни и ќе плачеме дома.... и сите ќе бараме прошка од оние на кои сме им згрешиле.

А човек како човек.... не простува.... останува засекогаш со своите глупави идеи во главата... и никогаш не заборава кој му згрешил. Ти доаѓа и ти ја пие крвта и не заборава да те потсети дека ти си му најголемата грешка во животот.
Никогаш ли нема да си најдеме љубов по наша мера... и затоа ќе менуваме земји.... континенти.... народи и јазици.... ќе си го менуваме срцето и изгледот.

Не сакам да бегам.... сакам да останам во мојот град.... но сакам да ми простиш за тоа што ти го направив.... и да ми дадеш шанса да си простам јас сама на себе за мојата глупост.....
Те молам.... те молам....

You have to figure ... if the world's fattest twins can find love, there's hope for all of us. Somewhere out there is another little freak who will love us, understand us, and kiss our 3 heads and make it all better.