Лагата

среда, 26 март 2008

Додека седевме во паркот на една од клупите и гледавме во пресушеното езеро Луција ми зборуваше за лагата. Лагата како категорија на успех и како неизбежен дел од животот кој го водиме. Еве ја стои пред вас како и пред мене со испружени раце и се обидува да ви покаже дека нема што да сокрие. Нејзините раце по којзнае кој пат се празни.

Луѓето кои лажат за ситни работи, веднаш се препознаваат, а оние лаги кои се однесуваат на големи работи секогаш се сметаат за искрени и доверливи. Доколку лажете за огромни работи луѓето ќе ви верувааат бидејќи ќе си викаат нема теорија ова да е лага, тоа е толку сериозно. Во теоријата на комуникацијата и политиката ова е еден од основните постулати, а лагата секогаш може да стане вистина со текот на времето.


Луѓето не се задоволни ни кога имаат се. Целата среќа на една чинија да им ја дадеш, велеше мојата женска сродна душа, тие повторно нема да бидат задоволни. И во право е. Среќавав луѓе, болни и здрави, богати и сиромави, среќни и тажни, омилени и осамени, но никогаш не сретнав човек кој ми рече дека е задоволен. Задоволен од животот и од она што го има. Секогаш бараме повеќе. Повеќе од она што го поседуваме, од она што ни го пружаат, од она што сме. Така и јас, црна најцрна Луција Заменек, секогаш трагав по подобро, поголемо, поубаво. Но, како што гледате моите раце се уште се празни. Јас немам ништо или можеби изгубив се. И во тој миг кога знаев дека е тој човекот, дека тоа ме прави среќна, дека сум ја фатила нишката на своите чувства и сум на вистинскиот пат кон мојата душа, јас бев алчна, жедна и гладна за повеќе.

Сакав да давам, но сакав и да ми биде вратено. Да земам. Како и сите други алчни човечки суштества на овој свет. Сега знам дека љубовта не се мери со давање и примање, љубовта едноставно нема мерка. Таа се поттикнува, се остава да цвета во телото. А јас, најцрна, само тоа не го дозволив. Мислев дека начинот на кој тој ме сака не е правилен, не е вистински, дека треба да ме прегрнува, да ме бакнува, да ме држи за рака, да ме води со себе, несвесна дека тој никогаш дури ни кога не е со мене не престанува да ме носи со себе, да ме прегнува и да ме бакнува.

И сега е веќе ноќ. Заменек ги брои лузните на испружените раце кои ги доби во годините кога се бореше со себе и со своите демони и најсилно со своите лаги. Таа зборува за другите мажи во животот, но никогаш со таков жар со кој зборува за него. Нејзините зборови не треперат исто како кога раскажува за неговата коса и неговите шеги.

Тој тоа никогаш не го гледаше. Сега ги затворам очите и се смеам тивко. Една вечер му предложив брак. Клекнав на коленици, на една од празните улици во овој студен град кој спие од времето на катастрофата и го прашав дали би сакал да се земе со мене. Колку само посакував да можеше да ми каже да. Но годините го направија своето. Мојата упорност беше уште посрашна, таа ме влечеше се подалеку. Престанав да давам, престанав да покажувам, само барав, имав потреба да ми кажува дека му значам, а всушност не значев ништо. Но, болката која ја чувствував кога знаев дека го делам неговото тело со друга жена, како да ми го откорнуваат срцето од градите, не беше никогаш толку голема како онаа кога го делев моето тело со други мажи.

И сега ми се случува по цели ноќи да не затворам очи. Во тие демонски часови ги гледам сенките на таванот во мојата правоаголна соба и размислувам што тргна наопаку. Што навистина тргна наопаку? Зошто не можевме да успееме? Ни сега немам одговори, веројатно ќе ги немам никогаш. Или можеби одговорот сум јас. Јас тргнав наопаку, јас не успеав, Луција како и секогаш мора да го признае тоа. Се мразев во тие мигови кога морав да се соочам со мојот неуспех, со моите потреби да имам се, со моите ужасни идеи. Но, тоа е сега зад мене и веројатно никогаш нема да се смени. Бидејќи јас нема да се сменам, а никогаш нема да бидам задоволна и единствено нешто што ќе остане е лагата. Луција Заменек ќе се лаже себеси дека може без Јаков Балбоа, а Балбоа Јаков ќе се лаже дека никогаш не ја познавал Заменек Луција.

Седи таа во паркот на клупата до мене. Ја пее токму онаа песна од Leonard Cohen која толку многу ја сака. Нејзиниот глас е рапав и задоцнува по музиката, како и секогаш, како и во времето кога го познаваше Балбоа, како и во времето кога го сакаше, како и во времето кога го избрка. Нејзините дланки се празни, но лузните се уште свежи.

Изгубената моќ на уметноста

четврток, 20 март 2008

Кога ми раскажуваше Луција за својот живот не можев да не забележам дека тоа го прави со тага. Често вели дека е несреќна и дека посакува да живее некој друг живот.
Никогаш не зборува за тоа што ја прави среќна.

Ја сакам уметноста. Театарот, литературата па и филмот. Помнам кога бев мала, можеби во истиот оној период на големи потреси во мојот живот, почнав да сликам. Се уште се сеќавам на тој мирис од уметничкото атеље во кое маестро Лука ги учеше младите талентирани уметници да се изразат. Талентирани... но дали јас бев меѓу нив? Никогаш нема да дознаам, но знам дека чувството кое го имав воопшто не беше пријатно. Ми се чини дека Лука ме доживуваше како едно разгалено девојчиште кое сака да каже дека слика и дека ме толерираше само поради добрите пријателски врски со мојата мајка. Секогаш се чувствував како отпадник во тие 50 квадратни метри во кој беа наредени 15тина штафелаи, водени бои, суви пастели и насмеани луѓе кои навистина ги биваше за оваа работа.

И сега над мојот кревет висат две слики во златни рамки кои беа дел од изложбата на младите уметници. Едната е пејсаж на кој Лука интервенираше до бескрај, а другата е апстрактна слика на која топчиња со човечки особини паѓаат на Земјата, сонцето е во вид на око и има едно зелено дрво на средина. Сега се сеќавам дека тоа воопшто не беше моја идеја. Кога ги подготвуваме сликите за изложба, мајка ми „суптилно“ сугерираше дека треба да нацртам вакво нешто, дури и со скица.
Оваа слика е дел од мојата приказна со мајка ми. Таа јасно го отсликува мојот однос со оваа жена, која секогаш суптилно ги наметнува своите идеи и ги подметнува во мојот живот, а јас истите ги прифаќам како да се мои.
Маестрото Лука пред неколку години го напушти овој град, а јас мојата „надареност“ за сликање оддамна не ја користам, освен во исклучителни случаи.

Таков беше на пример периодот кога го запознав Балбоа Јаков. Тој на чуден начин ги инспирираше моите раце кои ненаситно цртаа или правеа нешто. Можеби тоа беше љубовта која мојата душа ја поттикна да создава ситници кои мислев дека ќе го радуваат Балбоа. Веќе долго време ни оваа љубов не ме инспирира. Можеби затоа што имам чувство дека моите подароци, моите слики, моите зборови и моето срце не се доволни за тој човек. Иако знам дека сите мали работи кои сум му ги подарила ги чува, знам дека тие стојат во некоја темна фиока, далеку од сечии очи. Знам дека никој не ги погледнал, ниту пак знае дека сум ги направила со овие мои раце. Понекогаш до доцна во ноќта останував будна, размислував што би можела да му направам за да биде среќен, изненаден. Се прашував на кој начин да му покажам дека ја давам душата во дел од тие предмети.

Чудно, но сега веќе не ме поттикнува.
Сега сфаќам дека можеби не сум многу талентирана, но секако имам чувство за естетика. Но сфаќам дека на крајот секогаш се откажувам. Од пијаното, сликањето, факултетот, човекот кој го сакам, животот кој го сметам за безначаен. Едноставно се откажувам.

Луција престанува со раскажувањето. Погледнува низ прозорот во сонцето кое полека се спушта и вели доста е за денеска. Молчи. Ужива во својата колеблива личност. Којзнае за што размислува. Можеби ќе ми раскаже следниот пат. Молчи и ми ги покажува дланките. Празни се. Таа нема што да скрие.

Луција чекори

понеделник, 10 март 2008

Еден од поважните моменти во животот на Луција беше кога таа „зачекори“. Не мислам тука на моментот кога проодев, што според пресметките на мајка ми се случило набргу по моето наполнување на една година, туку на моментот кога прв пат Луција влезе во светот на чекорите. Ќе направам мал скок во времето и ќе зборувам за периодот во кој Луција е безмалку полнолетна.
Тој врнежлив ден, како и многуте врнежливи попладниња во кои таа ќе бара скривалиште во тивката атмосфера на репетиционата сала, секогаш ќе останат еден од најважните периоди во животот на Заменек. Сала во која се испреплетуваат милиони ароми, во која Луција можеше да ги почувствува сите состојби на умот.

Мирисот на старите книги на полиците, стариот мебел, влагата во воздухот, ќумбето, црвениот декор и највпечатливиот дел од театарот- Боре. Никогаш Луција нема да употреби друго име за тој човек, кој во една прилика го нарече својот театарски татко. Тој секогаш бил Боре, па така и во оваа историја за Луција ќе биде само Боре.

Човекот кој ја тераше да плаче, да се смее, да боледува со него, да плука крв на сцената, да се враќа со последниот автобус расплакана и да го преживува секој лик одново секој ден и со секој здив.

Боре во мене ги зачна Кралицата Марија, девојчето кое ништо не сака, Здодевноста од Онаа страна на костените и врвот на нејзиниот живот Мица- Брбливица. Во неа ги оживеа сите чувства кои таму се складираа во годините кои ги живееше од денот кога остана со својата мајка и без една голема празнина која секогаш била, но никогаш не се нарекувала татко.

Тој старец, со три бесни влакна на главата беше нејзиниот театарски татко, водач во мракот, ментор на нејзината душа, чувар на нејзиниот разум и учител на нејзините чувства. И денес кога ќе го погледне и одзвонуваат зборовите кои излегуваат од таа уста полна слова. Руските песни кои и ја будеа љубовта кон Кремљ, театарот на апсурдот кој ја тераше да бара одговор за својата цел на овој свет, старечките очи кои ја научија да слуша, да се избори за своето место и да застане цврсто на нозе. Очи црни кои ја научија да биле Луција.

И сега Заменек пушта солза, кога ќе помисли на сите тие мигови, кога го обожувала и го проколнувала тој човек кој ја пофалил само еднаш во животот. И сега Заменек, ги гледа тие негови насолзени очи и се прашува дали животот е доволно добар со тој старец.
Луција замина од театарот во петтата година од новиот милениум. Ја остави женската гардероба, ја симна капелата и плаштот и никогаш повеќе не се заврте назад. Едноставно не сакаше да го навлече театарското проклетство на својот грб. Така реши тогаш пред многу години, но не помина ден да не се покае за својата одлука.

Ми раскажуваше потоа дека Боре зборувал за нејзината полусестра. Дека таа седела на нејзиното место во репетиционата сала, до десната рака на старецот. Дека го поканила на тестенини, исти онакви какви што Луција правеше. Девојката со усни црвени како јагода која Луција никогаш не ја запозна. И која овде ќе ја нарекува Хелена. Но, ја виде во очите на Боре. Ја чу преку неговите зборови. И покрај сета лудост, Луција и Хелена во тие неколку години живееја во иста димензија, во исто тело на истата сцена. Луција за неа ретко зборуваше. Понекогаш со Балбоа Јаков, но сепак ретко. Еднаш му раскажа за дивата круша, за која слушна од кадравото момче Јан кое ги поврзуваше Луција и Хелена на некој вонвременски начин. Ги поврзуваше во една јака спрега која не можеше да пукне под налетот на времето.

Еве ги моите раце испружени пред вас. Го чувствувам вашиот поглед кон мојата наведната глава. Ме прашувате што зборувам, што пишувам. Не ме разбирате. Не ги разбирате моите долги, сложени реченици, кои се напишани само за моите очи.

Еве Луција Заменек ги испружува своите раце пред вас. Со дланките свртени кон вас, да видите дека се празни. Ништо не можам да скријам. Само не ги барајте моите очи со погледот. Тие се тажни очи на жената Луција. Гледајте ги моите дланки, во нив ќе прочитате се како што тоа го направи Боре во првото дождливо пладне кога прв пат зачекорив во неговиот ароматизиран храм.