Ти, ЈАС и механиката

вторник, 22 јануари 2008

Ако не престанам да мислам на тоа што го правиш сите овие години, ќе биде тоа погубно за мене. Само посакувам нешто што никогаш не можам да го имам повторно (ако воопшто некогаш сум го имала), а знам дека не може тоа да се случи. Ќе те заборавам!

... и одеднаш немам зборови, немам мисли, нема ништо што би можело тебе да те опише како човек за кој толку време копнеам.
Одеднаш тишина и мрак и се останува да живее само внатре во мене и да копа по мојата душа која е во истребување. Жално е човекот да нема зборови, да нема мисли, бидејќи токму тоа го одвојува од животните.

Механички. После толку време, толку љубов, толку внимание, топлина, среќа, после давање се... го затвораме ова поглавје со еден збор. Твој збор. Механички.
Дали мојата искрена љубов, моите три ипол години се механички? Дали механички те бакнувам и ти ги гледам очите и тонам во нив? Дали механички те гушкам додека заспиваш и додека целото тело ти трепери во грч? Дали механички очекувам да те видам, да те помирисам, да те допрам?
Според ова, и според тебе... се што сме правеле било механички.
Епа ајде да не биде. Да престанеме. Да не правиме. Да не постоиме.

Благодарна...

петок, 11 јануари 2008

Благодарна сум на тоа што сум несреќна.
Благодарна сум на тоа што никој не ме сака.
Благодарна сум на тоа што никој не ми се јавува затоа што сака да ме чуе.
Благодарна сум на тоа што не сум во пар.
Благодарна сум за сите луѓе околу мене на кои не им се допаѓам.
Благодарна сум за сите лоши зборови кои сум ги голтнала.
Дури сум благодарна и за сите неделни вечери кои сум ги поминала сама.
Благодарна сум за секоја солза која сум ја родила.
Благодарна за секој момент од кој ми се гадело.
Благодарна на сите луѓе кои ме искористиле.
Благодарна на сето време кое сум го поминала грешејќи.
Благодарна сум на мојата осаменост.
Благодарна на моите лоши соништа.
Благодарна на тоа што не сум заљубена (освен во себе).

Благодарна, затоа што сите овие работи ме направија појака, посамостојна, подоминантна.
p.s. И, не сите поданици го сакаат кралот, а тој е сепак крал.

Емил, врати се...

вторник, 8 јануари 2008

Како се стемнуваше во улицата, светилките не се палеа. Длабоко загазуваше ноќта во овој град и многу долго траеше. Како на некој од половите на земјината топка. Секогаш ми се чинеше дека овие ноќи траат со месеци. Како да се менував во тие ноќи, умирав и повторно се раѓав од почеток. Новороденче. Бабиците пред порти. Како да е тоа некое проклетство кое те следи и знаеш дека еден ден ќе те зграби.

Чај од нане. Тишина. Времето си одминува, а во соседната соба го слушам часовникот кој виси на ѕидот. Ја брои секоја секунда во оваа мрачна куќа. Гледам како ми се растопува шеќерот во чајот. Немам ни лажиче да го промешам. Го брцнувам пртот во врелиот чај. Затреперувам од болка додека го мешам талогот од шеќер кој се наоѓа на дното од шољата. Го извлеков прстот и го погледнав. Болка... прошепотив.

* * *

Капијата се затвори со силен тресок. Ситни чекорите се доближуваа до влезната врата. Го гледав вцрвенетиот прст кој почна да потекува, но не чувствував болка. Како веќе да не беше дел од моето тело. Во собата влезе ситен маж облечен во црно палто. Ја симна црната крзнена капа од главата. Косата му беше речиси падната, останале уште неколку несредените перчиња кои штрчеа на сите страни. Задишано го истресе палтото од напластените снегулки кои тукушто почнале да паѓаат на улиците. Го погледнав со прашање во очите, а тој уште пред да проговорам ме пресече.

Страшна трагедија, госпоѓо Луција... страшна трагедија...
човекот се уште бревташе. Мојот ладен поглед како да го обесхрабри. Ниту една единствена емоција не можеше да прочита на моето камено лице. Очите ми бараа некоја ужасна приказна, трагедија голема, болка натчовечка. Тој го смири дишењето, се доближи до моето десно уво и тивко ги одвои распуканите усни. Изговори зборовите кои мислев дека никогаш нема да ги чујам. Длабоко ми ја потресоа душата. Со прстите ја наџбарав столицата во ќошот на собата и седнав на неа. Молчевме двајцата. Во моето грло растеше горчлива грутка.

Со шубарата на глава и разлетана коса брзо чекорев покрај патот. Ме одмина една кочија, а во неа млади момчиња кои гласно пееја во ноќта и го прекинуваа светиот молк на градот. Снегулки како иглички ми се забиваа во лицето... го бакнуваа мојот врат. Одев кон гробиштата во периферијата, а во рацете ја стискав восочната свеќа која одвај ја најдов во целата мешаница која ми се случи во главата.

Не го гледав гробот. Беше опколен со луѓе. Ги познавав, повеќето од нив. Кољо- месарот кој ја тепа жената кога ќе се поднапие. Митко- кујунџијата кој ја остави неговата кутра жена Лена да тагува без деца, а таа умре од болка после долги години празна куќа. Тој сега се прежени со онаа млада девојка која работеше во училиштето. Гробарот Бранко ме погледна со вчудовидување и го спушти погледот кон свежиот гроб. Гроб затрупан пред три години, а сепак свеж. Во темнината погледнав во пресната дупка. Кој го направи ова?

Немаше одговор, а и попусто очекував дека некој ќе се осмели да одговори. Гробот на мојот најмил беше откопан, а во дупката немаше ништо. Празен. Немаше коски... немаше коса... немаше никакви остатоци од тело. Како воопшто никој да не бил закопан таму. Немаше никаков траг од мојот човек.

Снегот паѓаше и понатаму, но сега снегулките беа поголеми. Свештеникот ми се приближи и ме фати за лактот. Луција, ова се случувало и порано, во времето на мојот дедо, кога тој бил свештеник. Да исчезне покојникот и по некое време да го најдат гробот откопан, а внатре никаква трага. Тој замолкна. Верувале дека мртвиот не може да се помири со поминувањето во другиот свет и се бунтува. Шета по земјата на живите, бара некој кој ќе го слушне.

Тишина. Мојот поглед беше прикован за дрвениот крст. Емил Заменек. Буквите, крстот, годината на раѓање и умирање, цвеќето кое растеше до гробот (во сред зима), како сето тоа вчера да сме го подготвувале за погреб. Можеби ти можеш да ми помогнеш ова да го сфатиме и да го надминеме заедно. Дали ти се случуваат чудни работи? Нешто невообичаено? Повторно проговоре белиот свештеник.

Молчев. Чудни работи, си повторував во себе, секојдневно ми се случуваат. Но, мојот Емил не би одел по земјава без да ми го каже тоа. Никогаш не би направил такво нешто. Молчев и понатаму со погледот прикован за крстот. Се завртев и тивко зачекорив кон градот. Снегот потпукнуваше под моите нозе. Безобразник, си помислив, го прекрши нашиот договор.

Ја отворив капијата од куќата и влегов. Бесшумно.

* * *

Вака ја најдоа. Во кујната. Паднала од столот и останала да лежи покрај масата. А на масата нашле истурена шоња чај. Едниот прст и бил изгорен, како да го брцнала во врелиот чај. И велат дека потоа само заспала и паднала на подот.


* * *

Јас и Емил седиме во дворот. Лето е. Пиеме леден чај од нане. Мириси, бои, пеперутки насекаде. Овој град само некако поинаков. Најубав досега во последните три години. Го погледнав прстот. Лузната почна да исчезнува. Тој полека плете сламена шапка за сонце, за мене. Еве мила, вели, добредојде повторно дома. Ми недостигаше.

мразам vs. сакам

понеделник, 7 јануари 2008

1. Мразам празници, ме прават да се чувствувам осамено.

2. Ги мразев овие празници, пак бев осамена.

3. Можеби ќе ме нема. Наскоро.

4. Посакувам да бидам со човекот што го сакам.

5. Тој не ме сака. Му простувам. Го сакам.

6. Сакам да пијам чај во Москва.

7. Сакам да не ги помнам лошите моменти во животот.

8. Сакам да се возам во воз. Многу.

9. Го мразам месецот февруари.

10. Си го сакам мојот живот. Таков каков што е. Каков што беше.