Дуња

сабота, 10 ноември 2007

Додека мали капки течеа по моето лице се погледав во огледалото. Празнина, како никогаш до сега гледав во тоа огледало. Гледав очи, усни, црвени обравчиња и коса која паѓа на рамениците. Гледав нос кој се раѓа помеѓу темните веѓи и се втемелува над усните кои полека напукнуваа од зимскиот студ. Гледав лик, но не гледав човек. Гледав солзи, но немаше приказна во нив. Мирно се слеваа од аглите на очите, до усните и кон вратот. Не ги бришев. Се слеваа по којзнае кој пат на моето лице солзи кои требаше да бидат солени, но овие немаа вкус, немаа идентитет, беа туѓи.

Истите тие очи седеа во еден дел од празниот ресторан. Чекаа вечера, салата со дуња. Со прстите тивко удирав по масата, мислев дека тоа ќе ја намали напнатоста која ми ја стискаше душата. Доцни, како и обично- си помислив и погледнав кон влезот, а тој и понатаму остануваше празен. Во мислите те гледав како влегуваш, го соблекуваш палтото, ја зафрлаш главата кон десно, поминуваш со прстите низ косата и со еден потег ја тргаш од челото. Застануваш за миг, ја погледнуваш целата просторија и потоа тргнаш кон масата, но не гледаш во мене, погледот ти е во рацете кои ги стискаш и прстите кои ти пукаат под притисокот кој го создаваш. Молчешкум седнуваш наспроти мене и не ме погледнуваш во очи. Но, се уште чекам, сама, и гледам кон влезот.... празен е.

Празна ми е мене и душата. По толку години, чекам повторно да дојдеш и да ме скршиш, да ми кажеш ужасни зборови, да ме оставиш повторно сама. Тивко говореше таа ноќ, најтивко на светот. Сега кога се сеќавам се е во магла. Ти, масата со небесно син чаршав, црвеното вино во високите чаши и сета темнина на улицата која се гледаше низ големиот прозорец. Ниту една улична светилка не работеше, сите беа згаснати. Музиката која пригушено се слушаше во тие доцни часови, само некако зуеше и умираше таму некаде покрај прозорите. Ти зборуваше најтивко на светот. Како грешник кој не бара прошка, само ги просаскува своите гревови кои не сака да ги признае, а сака да се ослободи од нив. Ми рече дека не ме сакаш, никогаш не си ме сакал, дека само те повредувам, ти го уништувам животот.


Сега се гледам во тоа огледало, со рамка во боја на циклама. Нема ништо, дури ни јас не постоејам. Знам дека она што доаѓа неминовно во животот е смртта. А немам тоа ни кому да му го кажам. Она за кое сум живеела сега го нема... се е далеку и нереално, како да не постоело. Како да не значи ништо тоа што сум сакала некого и сум давала некому, како да не се случило ништо убаво во овој живот.

Таа вечер падна првиот снег. Ти веќе не седеше на масата. Бев јас, недопиеното вино, недопрената салата со дуња и студот кој го гледав низ прозорецот. Излегов на полноќ на улицата. Ги ставив рацете во палтенцето и одев долго во ноќта. Градот исто како мене, умира длабоко во себе, а однадвор полн со живот. Го чув последниот воз кој знам дека пристигнува во најтажниот град. Тука на пругата која постојано ја поминувам. Сега исто како и секоја вечер.


Засвири силно возот. И мрак. Се има смисол кога ги гледам работите од оваа страна на огледалото. Од онаа страна каде ликот се гледа... a човекот не постои. Страна на животот каде мојата љубов е конечно некому потребна.

Don't you.... try to find me

четврток, 1 ноември 2007


Не се труди попусто. Ништо од тоа не е во ред да се случи... доволно е само да се оставиме на мира. Да се заборавиме и да избледи се што сме си кажале и сториле. Едноставно немој да се трудиш. Јас не сакам веќе да постојам во тој твој свет, бидејќи не сакам да те повредувам, не сакам да си играм со ничии чувства. Секоја нека го прави и понатаму она во што е најдобар и нека се гордее со своите дела (или можеби злодела). Нека се заборави ова се, нека бидам и јас заборавена, избришана, како што сум отфрлена и занемарена.