Жхди Мениа

среда, 19 декември 2007


Си застанал над мене, си зел една огромна цевка во зелена боја и си ја брцнал во преполната чаша на мојата душа и шмукаш, шмукаш додека не ми ја испиеш и последната капка љубов. Додека не пресуши мојот извор, кој грга грга како вруток, колку повеќе шмукаш толку повеќе тече, извира, раѓа и се коти. А боли како што боли да се одвоиш од плодот, како што боли да откинеш дел од срцето и да го фрлиш во оган, така ме боли мене душата кога само ти давам, давам, а ти ме бодеш како Јуда во грбот.

Ако умрам ќе плачеш за мене, ќе ти недостигам, ќе сакаш да ме видиш- те прашав една вечер, а ти одкорна едно суво да од твоите полни црвени предавнички усни.

Никој не ќе плаче за мојата руска душа, никој нема да рече ете беше добар човек, сите ќе се сеќаваат на она на што сакаат да се сеќаваат и ќе зборуваат за мене како што мислат дека имаат право. Никој нема да се сети на еден руски, снежен ден, во кој јас завиткана во црно капутче, со црни ракавици на рацете, одев по пустите улици и барам улици без име. Нема да се сети никој, бидејќи ќе бидам човек без лице, без израз, без очи и без усни. Ќе бидам аморфна супстанца, нешто што останало од една личност, нешто што нема право на збор, ни глас, ни мисли. Некој кој не може да сака, кој не може да постои и кој е осуден да талка низ времето барајќи простор каде ќе го прифатат грдиот и понизниот. Тој кој нема душа.

Наслов. И точка по него.

недела, 16 декември 2007

Тогаш кога човекот заборава ќе се најде некој кој ќе го потсети на неговата мака. И потоа не ти доаѓа сонот. А кога доаѓа сонот те измачува уште посилно. И потоа на сред ноќ тишина. Молк, ноќ и првиот снег.
Колку сакам костени. Ме потсетуваат на деството. Дедо, доработи ги!- му викав на дедо ми кога ги љупеше, но ми ги оставаше со втората обвивка на нив. Ме потсетуваат на еден зимски ден во кој печевме костени пред твојата куќа. Ме потсетува на специфичниот мирис на ќумбето кое го палиш. Ме потсетува на темната соба, на едната и единствена фотеља во неа на која седиме јас и ти покрај огнот.
Тогаш се појави ти во мојот живот. Тотално го запоседна секое ќоше во мојата душа. Ме потсетува на тага. Но, поради тоа знам дека сум човек од крв и месо. Дека тагувам бидејќи сум сакала и уште сакам.
А надвор паѓа снег. Моето омилено годишно време. Моето омилено време од ноќта. Мојот омилен мирис. Само мојот омилен човек го нема повеќе. Тој си замина. Засекогаш.