Жхди Мениа

среда, 19 декември 2007 г.


Си застанал над мене, си зел една огромна цевка во зелена боја и си ја брцнал во преполната чаша на мојата душа и шмукаш, шмукаш додека не ми ја испиеш и последната капка љубов. Додека не пресуши мојот извор, кој грга грга како вруток, колку повеќе шмукаш толку повеќе тече, извира, раѓа и се коти. А боли како што боли да се одвоиш од плодот, како што боли да откинеш дел од срцето и да го фрлиш во оган, така ме боли мене душата кога само ти давам, давам, а ти ме бодеш како Јуда во грбот.

Ако умрам ќе плачеш за мене, ќе ти недостигам, ќе сакаш да ме видиш- те прашав една вечер, а ти одкорна едно суво да од твоите полни црвени предавнички усни.

Никој не ќе плаче за мојата руска душа, никој нема да рече ете беше добар човек, сите ќе се сеќаваат на она на што сакаат да се сеќаваат и ќе зборуваат за мене како што мислат дека имаат право. Никој нема да се сети на еден руски, снежен ден, во кој јас завиткана во црно капутче, со црни ракавици на рацете, одев по пустите улици и барам улици без име. Нема да се сети никој, бидејќи ќе бидам човек без лице, без израз, без очи и без усни. Ќе бидам аморфна супстанца, нешто што останало од една личност, нешто што нема право на збор, ни глас, ни мисли. Некој кој не може да сака, кој не може да постои и кој е осуден да талка низ времето барајќи простор каде ќе го прифатат грдиот и понизниот. Тој кој нема душа.

0 коментари: