Преписката на љубовниците

петок, 24 јули 2009

Таа: Понекогаш мечтаам дека имам цела една ноќ со тебе. Мечтаам дека заспиваш покрај мене, а јас долго во ноќта те гледам како спиеш.

Тој: (издивнува тешко) ...

Мракот се прозева низ отворениот прозорец. Звук на вода која удира во своето корито, некаде долу под шумата, во густежот, брсјакот... тивка ноќ во која и штурците не се огласуваат. Врелиот ден го собрал својот жежок здив, но зад себе остава тежина која надвиснува над неколкуте селски куќи.

Таа: Дури и ова е мојата имагинација. Ти всушност не си тука, не лежиш до мене, јас не го чувствувам твоето испотено тело, ниту го вдишувам твојот леплив здив. Умот си игра перверзни игри во оваа ноќ. Ти спиеш некаде на друго место, покрај некоја друга жена, таму издивнуваш, се препотуваш, се насмевнуваш, таму заспиваш.


Тој: Тука сум. Те имам во рацете, те прегрнувам, зарем не гледаш. Зошто ти се очите насолзени? Зошто ми го зборуваш ова? Еве, јас ти го бакнувам 'рбетот и крстот. Го чувствуваш ли тоа?

Таа: (се насмевнува тивко, како да се смее ноќта од прозорецот) Само уште ти си веруваш на своите зборови! Престани! Доста од твоите празни зборови, кои како ветви звона чукаат меѓу нас.

Тој: Немој да бидеш груба. Немој да бидеш студена со мене.

Таа: Јас сум студена и груба. Да, жена без душа, без љубов. А после секоја твоја лага во устата ми останува горчлив вкус. Па и во утробата. Некогаш едноставно не ми е доволно, барам уште од празнотијата. Оваа жена која секој твој збор го впива како новороденче кое го учи животот. Оваа жена која ги затвора очите и го знае твојот лик до најситната пора, секоја мала бразда од твоето лице, твојата мека кожа, брадата која мириса на тутун. Оваа жена која секако е студена и груба со тебе, но која ти ја прекопува душата парче по парче.

Молчат. Тој ги брои бемките на нејзиното тело. Таа испушта воздишка.

Таа: (кратко) Што се случува кога љубовната афера ќе заврши?

Ја повлекува кон себе. И поминува со раката по голото тело. Ја допира со меката брада по лицето и ја притиска кон себе. Ја прегрнува до болка, до изнемоштеност.

А таа само лежи ладна, не се опира, ниту пак ги одобрува неговите движења. Ги затвора очите и се моли мигот да трае подолго. Размислува како изгледа на првите утрински зраци, како издишува додека спие, која страна од креветот ја сака повеќе, дали се отскрива додека спие, дали испушта звуци? Дали, дали... остануваат да одзвонуваат во нејзината глава, а тој веќе почнува да и ги врзува рацете за креветот и да ја бакнува по стернумот.

Се буди. Во креветот освен пурпурната постелнина и нејзината плишана црвена кравичка нема никој. Само перница на која спиел некој, развлечен ладен чаршав со кој некој се покривал. Сонцето и го допира стомакот низ отворениот прозорец. Сама е.