Лагата

среда, 26 март 2008 г.

Додека седевме во паркот на една од клупите и гледавме во пресушеното езеро Луција ми зборуваше за лагата. Лагата како категорија на успех и како неизбежен дел од животот кој го водиме. Еве ја стои пред вас како и пред мене со испружени раце и се обидува да ви покаже дека нема што да сокрие. Нејзините раце по којзнае кој пат се празни.

Луѓето кои лажат за ситни работи, веднаш се препознаваат, а оние лаги кои се однесуваат на големи работи секогаш се сметаат за искрени и доверливи. Доколку лажете за огромни работи луѓето ќе ви верувааат бидејќи ќе си викаат нема теорија ова да е лага, тоа е толку сериозно. Во теоријата на комуникацијата и политиката ова е еден од основните постулати, а лагата секогаш може да стане вистина со текот на времето.


Луѓето не се задоволни ни кога имаат се. Целата среќа на една чинија да им ја дадеш, велеше мојата женска сродна душа, тие повторно нема да бидат задоволни. И во право е. Среќавав луѓе, болни и здрави, богати и сиромави, среќни и тажни, омилени и осамени, но никогаш не сретнав човек кој ми рече дека е задоволен. Задоволен од животот и од она што го има. Секогаш бараме повеќе. Повеќе од она што го поседуваме, од она што ни го пружаат, од она што сме. Така и јас, црна најцрна Луција Заменек, секогаш трагав по подобро, поголемо, поубаво. Но, како што гледате моите раце се уште се празни. Јас немам ништо или можеби изгубив се. И во тој миг кога знаев дека е тој човекот, дека тоа ме прави среќна, дека сум ја фатила нишката на своите чувства и сум на вистинскиот пат кон мојата душа, јас бев алчна, жедна и гладна за повеќе.

Сакав да давам, но сакав и да ми биде вратено. Да земам. Како и сите други алчни човечки суштества на овој свет. Сега знам дека љубовта не се мери со давање и примање, љубовта едноставно нема мерка. Таа се поттикнува, се остава да цвета во телото. А јас, најцрна, само тоа не го дозволив. Мислев дека начинот на кој тој ме сака не е правилен, не е вистински, дека треба да ме прегрнува, да ме бакнува, да ме држи за рака, да ме води со себе, несвесна дека тој никогаш дури ни кога не е со мене не престанува да ме носи со себе, да ме прегнува и да ме бакнува.

И сега е веќе ноќ. Заменек ги брои лузните на испружените раце кои ги доби во годините кога се бореше со себе и со своите демони и најсилно со своите лаги. Таа зборува за другите мажи во животот, но никогаш со таков жар со кој зборува за него. Нејзините зборови не треперат исто како кога раскажува за неговата коса и неговите шеги.

Тој тоа никогаш не го гледаше. Сега ги затворам очите и се смеам тивко. Една вечер му предложив брак. Клекнав на коленици, на една од празните улици во овој студен град кој спие од времето на катастрофата и го прашав дали би сакал да се земе со мене. Колку само посакував да можеше да ми каже да. Но годините го направија своето. Мојата упорност беше уште посрашна, таа ме влечеше се подалеку. Престанав да давам, престанав да покажувам, само барав, имав потреба да ми кажува дека му значам, а всушност не значев ништо. Но, болката која ја чувствував кога знаев дека го делам неговото тело со друга жена, како да ми го откорнуваат срцето од градите, не беше никогаш толку голема како онаа кога го делев моето тело со други мажи.

И сега ми се случува по цели ноќи да не затворам очи. Во тие демонски часови ги гледам сенките на таванот во мојата правоаголна соба и размислувам што тргна наопаку. Што навистина тргна наопаку? Зошто не можевме да успееме? Ни сега немам одговори, веројатно ќе ги немам никогаш. Или можеби одговорот сум јас. Јас тргнав наопаку, јас не успеав, Луција како и секогаш мора да го признае тоа. Се мразев во тие мигови кога морав да се соочам со мојот неуспех, со моите потреби да имам се, со моите ужасни идеи. Но, тоа е сега зад мене и веројатно никогаш нема да се смени. Бидејќи јас нема да се сменам, а никогаш нема да бидам задоволна и единствено нешто што ќе остане е лагата. Луција Заменек ќе се лаже себеси дека може без Јаков Балбоа, а Балбоа Јаков ќе се лаже дека никогаш не ја познавал Заменек Луција.

Седи таа во паркот на клупата до мене. Ја пее токму онаа песна од Leonard Cohen која толку многу ја сака. Нејзиниот глас е рапав и задоцнува по музиката, како и секогаш, како и во времето кога го познаваше Балбоа, како и во времето кога го сакаше, како и во времето кога го избрка. Нејзините дланки се празни, но лузните се уште свежи.

1 коментари:

neko_e рече...

Сите се алчни во секое поле од животот. Проблемот е да ја пренасочиш упорноста на друг човек или на друго нешто, материјално, духовно, не е битно... ако се успее еднаш, ќе може да се успее уште мал милион пати за мал милион различни варијации на тема. Не ти се рацете празни, имаш упорност, а со неа и надеж, а тоа некогаш е повеќе од доволно за да се надоврзат една со друга...
П.С. Пред многу години, мајка ми ми кажа една работа која секогаш си ја повторувам: „секој може без секого“. Кога целата надеж и упорност ќе ме изневерат, ова секогаш било тука да ме поткрепи.
Поздрав******