Луција чекори

понеделник, 10 март 2008 г.

Еден од поважните моменти во животот на Луција беше кога таа „зачекори“. Не мислам тука на моментот кога проодев, што според пресметките на мајка ми се случило набргу по моето наполнување на една година, туку на моментот кога прв пат Луција влезе во светот на чекорите. Ќе направам мал скок во времето и ќе зборувам за периодот во кој Луција е безмалку полнолетна.
Тој врнежлив ден, како и многуте врнежливи попладниња во кои таа ќе бара скривалиште во тивката атмосфера на репетиционата сала, секогаш ќе останат еден од најважните периоди во животот на Заменек. Сала во која се испреплетуваат милиони ароми, во која Луција можеше да ги почувствува сите состојби на умот.

Мирисот на старите книги на полиците, стариот мебел, влагата во воздухот, ќумбето, црвениот декор и највпечатливиот дел од театарот- Боре. Никогаш Луција нема да употреби друго име за тој човек, кој во една прилика го нарече својот театарски татко. Тој секогаш бил Боре, па така и во оваа историја за Луција ќе биде само Боре.

Човекот кој ја тераше да плаче, да се смее, да боледува со него, да плука крв на сцената, да се враќа со последниот автобус расплакана и да го преживува секој лик одново секој ден и со секој здив.

Боре во мене ги зачна Кралицата Марија, девојчето кое ништо не сака, Здодевноста од Онаа страна на костените и врвот на нејзиниот живот Мица- Брбливица. Во неа ги оживеа сите чувства кои таму се складираа во годините кои ги живееше од денот кога остана со својата мајка и без една голема празнина која секогаш била, но никогаш не се нарекувала татко.

Тој старец, со три бесни влакна на главата беше нејзиниот театарски татко, водач во мракот, ментор на нејзината душа, чувар на нејзиниот разум и учител на нејзините чувства. И денес кога ќе го погледне и одзвонуваат зборовите кои излегуваат од таа уста полна слова. Руските песни кои и ја будеа љубовта кон Кремљ, театарот на апсурдот кој ја тераше да бара одговор за својата цел на овој свет, старечките очи кои ја научија да слуша, да се избори за своето место и да застане цврсто на нозе. Очи црни кои ја научија да биле Луција.

И сега Заменек пушта солза, кога ќе помисли на сите тие мигови, кога го обожувала и го проколнувала тој човек кој ја пофалил само еднаш во животот. И сега Заменек, ги гледа тие негови насолзени очи и се прашува дали животот е доволно добар со тој старец.
Луција замина од театарот во петтата година од новиот милениум. Ја остави женската гардероба, ја симна капелата и плаштот и никогаш повеќе не се заврте назад. Едноставно не сакаше да го навлече театарското проклетство на својот грб. Така реши тогаш пред многу години, но не помина ден да не се покае за својата одлука.

Ми раскажуваше потоа дека Боре зборувал за нејзината полусестра. Дека таа седела на нејзиното место во репетиционата сала, до десната рака на старецот. Дека го поканила на тестенини, исти онакви какви што Луција правеше. Девојката со усни црвени како јагода која Луција никогаш не ја запозна. И која овде ќе ја нарекува Хелена. Но, ја виде во очите на Боре. Ја чу преку неговите зборови. И покрај сета лудост, Луција и Хелена во тие неколку години живееја во иста димензија, во исто тело на истата сцена. Луција за неа ретко зборуваше. Понекогаш со Балбоа Јаков, но сепак ретко. Еднаш му раскажа за дивата круша, за која слушна од кадравото момче Јан кое ги поврзуваше Луција и Хелена на некој вонвременски начин. Ги поврзуваше во една јака спрега која не можеше да пукне под налетот на времето.

Еве ги моите раце испружени пред вас. Го чувствувам вашиот поглед кон мојата наведната глава. Ме прашувате што зборувам, што пишувам. Не ме разбирате. Не ги разбирате моите долги, сложени реченици, кои се напишани само за моите очи.

Еве Луција Заменек ги испружува своите раце пред вас. Со дланките свртени кон вас, да видите дека се празни. Ништо не можам да скријам. Само не ги барајте моите очи со погледот. Тие се тажни очи на жената Луција. Гледајте ги моите дланки, во нив ќе прочитате се како што тоа го направи Боре во првото дождливо пладне кога прв пат зачекорив во неговиот ароматизиран храм.

2 коментари:

neko_e рече...
Авторот го отстрани коментаров.
neko_e рече...

Луција и Хелена имаат покана за кафе. Сами или одвоено, не ми пречи во која форма или димензија и да се. Може и во репетициона сала, може и на сцена, може и во друга улога, позлобна :) Може и кај мене дома, на подолг престој кога ќе ја имам само моја „дома“.
А рацете ќе ги наполниш кога ќе ти се исуши лакот од ноктите, па ќе можеш безгрижно да брцнеш во некој од многуте џебови што ти се исполепени и во кои има многу дребулии за кои може и не си толку свесна дека ги носиш со себе...