Луција во Куба

недела, 24 февруари 2008 г.

Моето име е Луција Заменек. Ова е продолжение на мојата... што и да е ова. Денес имав толку многу идеи за тоа што се треба и што се заслужува да биде тука запишано, и оддеднаш ги заборавив. Еднаш во животот кога прашав еден човек какво име би ми дал, тој ми одговори дека би ме нарекол Марија, и не ми образложи зошто. Едноставно не знаеше зошто би ме нарекол така.
Имињата се толку релативни. Именка која ја носиме во животот и речиси никогаш не се нашите вистински имиња. Всушност денес размислував на оваа тема. Мислам дека луѓето немаат имиња и сосема е погрешно да трагаат по името. Тие имаат ЈАС, а секое ЈАС само по себе се разликува од другото ЈАС.
Луција живее во држава која се наоѓа на еден остров, од самото раѓање. Уште во времето пред да го достигнам пубертетот знаев дека се разликувам од другите деца. Некако тоа ми пречеше. Но изгледа дека не ми пречеше доволно за да го сменам ни во годините кои доаѓаа. Едноставно јас и онака бев поинаква од своите врсници. Не помнам дека некогаш некој пред мене зборувал за разводот на моите родители, но тоа јас сосема добро го гледав во погледите на сите кои ме опкружуваа. И како да читав во нив, нејзините родители се разведени. Но, изгледа дека тоа не беше доволно за едно девојче, па така на самиот премин кон повисоките одделенија, не бев веќе девојчето со разведени родители туку и девојчето чиј татко умре од мозочен удар.
Сега погледнете во моите очи. Не ве мамам... моите раце се празни, немам што да сокријам, но внимавајте искусниот илузионист секогаш ќе ви украде дел од моментот во кој сте сосема уверени дека не може да ве измами. Еве ги испружувам рацете пред вас, за да ги видите моите траги од детството.
Балбоа Јаков, беше човекот што ја отвори Пандорината кутија. Го запознав во годината на преминот во новиот милениум. Не ми дозволувате да ви раскажам. Почнувате да ги превртувате очите. Оддолговлекувам. Тоа е мојата најголема вештина. Секогаш кога стануваше збор за мојот татко јас го правев тоа. Никогаш не негирав, не бев децидна, не раскажував, не објаснував, едноставно само оддолговлекував. И конечно луѓето или сами ќе го сфатеа она што не сакам да го кажам или ќе беа премногу исплашени да прашаат што се случило.
Еве ни вие немате храброст да прашате! Па, секако нема ни што да прашувате и самата ви кажав дека човекот умре. Доволно е!
Моето оддолговлекување функционираше беспрекорно добро се додека не се појави Балбоа Јаков. Единствениот човек кој брцна во мојата рана со гола рака. Без да каже ништо друго. Само едноставно праша за него. И тогаш се случи нешто со мене. Луција Заменек се заљуби, можеби засекогаш.
Важна фигура во мојот живот беше Двојната Подунавац. Карактерот на младиот човек се гради додека е млад. Но, мојот карактер никогаш не беше млад. Јас одсекогаш бев ова што сум. Двојната Подунавац се всушност две личности, кои јас ги сплотувам во една. Зошто? Затоа што датираат од ист период на мојот живот, а како суштински спротивности влијаеја на мојата детска душа (ако душата воопшто може да се нарече детска). Како меѓу два огна во тој период, Луција од една страна беше во цврстата рака на Биологичарката, а од друга страна во мајчинската прегратка на Јазичарката. Сепак, мислам дека и двете имаа подеднаква улога во калење на моето стебло.
Потоа Луција залута на факултетот по Биологија, каде помалку или повеќе не се најде, или пак се самоубедуваше дека тоа не е нејзина желба, и дека дикретно и е наметната од мајка и. Веројатно и тогаш почнав навистина да трагам по себе. Чудно, толку години поминаа, а јас сеуште не сум се пронашла.
Можеби се кријам во некое темно катче, тука зад вас.

3 коментари:

neko_e рече...

Извини вака офтопик...
Колку дела ќе има муабетов?

Анонимен рече...

Текстов е одличен, но сакам да те прашам нешто сосема друго од ова...
Можеби премногу е интимно па ако не сакаш не мора да ми одговориш :)

Каква врска имаш со Венко Андоновски и "Папокот на светот" што е спомнато твоето име (со мали измени во презимето "Земанек")?

Луција Заменек рече...

Врската со Андоновски... хмммм... „Папокот на светот“... па веројатно исто и како Венко си дозволив преземање на името на една хероина која се мултиплицира почнувајќи од Кундера во „Шега“... преку Андоновски во „Папокот“... па да заврши малку модифицирана во мојот луциден свет...

Искрено ретко некој од оние кои ги читале моите постови воопшто знае дека името е позајмено...

Аll the best,
Заменек Луција