Моето име и Јас

недела, 24 февруари 2008 г.

Моето име е Луција Заменек. Но јас не се викам така. Всушност не знам како се викам. Тоа се уште не сум го дознала.
Мојот живот започна во моментот кога ме извлекоа од крвавата и лигава мајчина утроба во шест часот попладне на првиот есенски ден во годината за која ќе пишува Орвел. Не сите луѓе ја сакаат есента, но јас ја обожувам, само не го сакам ладниот дождот кој ми ги пецка образите.


Во втората година од животот прв пат малата Луција се соочи со тродимензионалната реалност на свет во која одлучила да пристигне. И денеска се прашувам дали моето тело нема последици од тие години живот под притисокот на нуклеарната катастрофа.
Моето прво сеќавање, за кое не можам со сигурност да тврдам од кога датира, се метални скали потрпени на ѕид во темен ходник и звуци на луѓе кои се караат. Можеби е тоа само некоја креација на мојот мозок како последица на подоцнежните реконструкции на настаните во зборовите на мојата мајка. Најчесто би рекла сега, искривена перцепција.
Мојата мајка беше жена која не зборува многу. Иако добар човек, често се прашував дали тоа што еднаш ќе го каже нема да го измени во следната прилика, а особено ако е лута. Така најчесто во текот на животот дознавав за ситуации со кои не е едноставни да се носи еден млад човек.
Во еден од тие моменти, на новогодишната ноќ, дознав дека мојот татко воопшто не сакал да се родам. И ден денес се запрашувам дали Луција е само една обична грешка, за која некој друг решил дека мора да се случи? И сега го отплаќа долгот.
Како што реков моето име е Луција Заменек, но јас не избрав така да ме нарекуваат. Можеби кога би го знаела моето вистинско име, името на моето ЈАС, би можела да ви се претставам прописно. Во овој момент ви дозволувам да ме нарекувате како ќе посакате. Ниту тоа ќе е нешто ново.
Една од најинтересните особини кои ги имам, е способноста да сонувам. Отсекогаш знаев дека моите соништа се поинакви од оние на другите луѓе. Кога веќе бев доволно возрасна да можам да читам и да се служам со основните принципи на самоанализата, почнав да се интересирам за оваа способност. Луѓето сонуваат црно- бели сни, а за разлика од нив моите се секогаш обоени и секогаш со реална димензија. Често сонувам луѓе кои никогаш не сум ги сретнала во животот и многу лесно постигнувам блискост со нив, што дури понекогаш и ми недостасуваат кога ќе се разбудам. Сепак, во реалниот живот, блискоста која ја стекнувам со луѓето не е толку беспрекорна.
Не сонувам секоја ноќ, но затоа редовно сонувам кога сум осамена. А тоа е навистина често. Имаше период кога не сонував многу или пак кога сонував, соништата беа конкретно врзани за мене или Балбоа Jаков.
Балбоа Јаков. Тоа е сосема друго поглавје за животот на Луција Заменек. Не знам дали е време да се говори за неговиот престој во мојот век. Можеби подоцна. Плаво момче, родено во шест часот изутрина, во средниот ден од неделата, во годината за која пишува Eric Arthur Blair напишана во 1948. Јаков Балбоа е роден на ден на кој не заминал ниту еден познат жител на една од деветте платени во Сончевиот систем. Неговото доаѓање симболизира живот, а за мене симболизира раѓање. Неговото име, Балбоа, е синоним за танц за кој се вели дека е „танц за танцувачите“, а не „танц за публиката“.
Од гледна точка на животот на Луција, јас, ова е токму доволна дефиниција за човекот кој се нарекува Балбоа Јаков.
Заменек Луција потекнува од ладните предели. Таа го сака снегот и мракот. Ја интересираат живите суштества, но повеќе сака да биде единственото живо суштество за кое ќе се интересираат оние околу неа. Понекогаш помислувам дека тоа е навистина себично.
Првото сеќавање за пријателство кое го имам, е летна ноќ, на топол асфалт, во улицата каде липите цветаат најбујно. Јас и мојата другарка седиме на тротоарот и разговараме за уличните светилки, за момчето кое се доселило во зградата, за бабата од првиот спрат на зградата отспротива.
Сите четворица живеевме во истата улица во еден дел од животот, повеќе или помалку свесни за тоа. Улица која нема има... улица каде само броевите на сивите згради се важни. А бројот на зградата го предодредува она кое го добиваш. Денеска во овие сиви згради живее само Луција. Но, и таа сака да замине, во некој поладни, посиви, побезимени предели.
Не е ова крај, шегата продолжува и го бара папокот на светот.
Доцна е. На Луција едноставно и се спие.

0 коментари: