Во рацете држеше нож и ја љупеше обвивката на крушата. Стигна до семките и почна да ги длаби како да вади човечки очи од своето лежиште во черепот. Не можеше да спие. Се мачеше долго во ноќта и никако не можеше да сфати што и се случува. Веќе извесен период немаше никакви соништа, а тоа ја плашеше. Нејзините соништа беа допир со она што ќе биде и она што било. Соништата и беа показател каде се наоѓа во моментот и каде треба да оди.
Нешто силно тресна и се скрши зад неа. Се заврте и на подот ја виде вазната која и беше подарок од мајка и за 23- тиот роденден, распрсната на милион ситни сини парчиња од порцелан. Го погледна со прекор и го врати погледот на крушите. Тој се дотетерави до неа и ја прегрна одзади, а таа се намршти бидејќи го почувствува неговиот здив со пригушена нота на премногу алкохол. Коњак, со помисли и продолжи да ја длаби крушата. Ја скрши вазната, која знаеш колку ми значи, му рече суво и не го тргна погледот од овошјето. Тој ништо не одговори само почна да ја бакнува по вратот и да ја гризе, обидувајќи се да ја соблече и да ја земе тука на работната маса во кујната. Отпрво таа се опираше, но потоа се препушти на неговиот силен стисок и мускулестите раце на кои никогаш не можеше да им рече не.
Само ја измачуваше со неговата игра, во која не и даваше да ужива целосно. Не ја гледаше во очи додека силно копаше по нејзината внатрешност, таа само го слушаше неговото дишење и понекогаш звуците кои ги испушташе. Ја измачуваше со тоа што не ги бараше нејзините усни и и ги покриваше очите, додека го чувствуваше како ја убива одвнатре, повторно после толку години во кои не можеше да го одбие.
Таа ја соголуваше лушпата на крушата и се чувствуваше како тој да ја соголел нејзината кожа и сега стои потполно гола, изложена на целиот свет. Тој се закопча и продолжи да се тетерави по собата. Кујната се уште мирисаше на див, насилен и бесчувствителен секс.
Му ја отпаруваше утробата по должина на Linea alba и ги вадеше сите внатрешните органи и наместо нив ги ставаше парчињата од вазната во неговата празнина. Ладните и бесчувствителни луѓе заслужуваат да имаат ладна утроба, си повторуваше додека го препарираше љубениот. Го уби таа вечер, по последниот анимален секс кој и го даде. Додека од неговата утроба се уште испаруваше коњакот, таа не чувствуваше никакво гадење и со презир ги гледаше неговите стаклести темни очи. Доволно долго и го уништуваше животот. Затоа сега не може да сонува. Долго во ноќта и недостига неговата миризба на скиснато грозје кое чека да биде обрано. Не може да сонува, затоа што нема потреба. Сонуваше само кога тој и го загорчуваше животот, и во сонот наоѓаше друга среќа, сето она што не можеше да го има во реалниот живот. Во соништата го имаше и него.... постојано весел и насмеан, како нежно води љубов со неа и ја гали по косата. Во нејзините соништа тој беше подобар човек, но таа знаеше дека е тоа само нејзината имагинација и чудото наречено сон. Уживаше во секој сон, дури и кога соништата беа мрачни. Но тоа не смееше да продолжи.
Таа вечер откако ја наполни неговата празнина со синило, го испи целото шишенце од онаа скапоцена течност која ти го одзема адивот. Ја чуваше повеќе месеци, но немаше храброст да ја испие. Откако се јави кај неговите родители и им кажа што сторила, ја затвори слушалката, и ја проголта сината течност како да пие вода.
Повеќе не сонуваше, од онаа вечер кога му ја наполни утробата со синиот порцелан. Остана во оваа празна куќа, секојдневно правејќи го истото. Љупеше круши и не сонуваше. Не ни спиеше. Оние заробени души кои остануваат на земјата никогаш не спијат, имаат незавршена работа. Таа остана да го лупи овошјето и да размислува за љубениот. Цела вечност.
Linea alba
вторник, 2 октомври 2007 г.
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
0 коментари:
Објави коментар