Таа седеше на клупата во паркот. Снегот непрестајно паѓаше и веќе ги покри сите делови на градот. Студот не ја спречуваше да ги пролева своите солзи. Плачеше долго во ноќта и чекаше. Како и секогаш го чекаше да дојде во истото време, на истото место, во недела. Но оваа ноќ се беше поинаку. Беше само тој парк, таа клупа, снегот и нејзините врели солзи. Неговите чекори не наближуваа, неговиот мирис не се прошируваше низ просторот, немаше глас во ноќта кој ќе ја насмее со некоја неговата нова шега. Дури не беше тука ни да и даде некој несмасен коментар за нејзиниот изглед, шминка, чевлите, а таа страшно да се налути поради неговите замерки.
Во паркот немаше ништо, освен една светилка неколку метри подолу и едно куче кое си бараше добро место за преноќување. Таа и нејзините врели солзи кои капеа во снегот. Ги извади ракавичките за да го избрише лицето, но тогаш нешто чудно се случи. Рацете и беа цели во рани. Како некој да ги сечел со остар нож, но некако зараснати рани, како поодминати засирени траги крв. Стоеше така неколку мига, а потоа го избриша лицето, ги стави сините волнени ракавички на рацете и тргна во ноќта. Тој не дојде на состанокот.
Во полумрачната соба танцуваа тие двајца. Нејзината омилена песна.... си ја потпевнуваше тивко и се радуваше на потпукнувањето на грамофонската плоча..... night breezes seems to whisper I love you..... just hold me tight and tell me you miss me.... you dream, just dream a little dream of me.... Тој се насмевна, твоето вообичаено пеење, со заостанување во зборовите и секогаш со таа специфична боја на гласот, тоа си ти, рече и ја припи кон себе. Таа само потпевнуваше и се топлеше во неговата прегратка. Надвор се насетуваше мирисот на снег, но се мачеше ова тмурно време, облаци снежни, но не заснежуваа. Сеуште беше рано, самиот почеток на месецот ноември. Нивниот месец. Месец кога таа подготвуваше чоколадни колачиња и го радуваше секоја вечер со некој убав подарок. Токму знаеше кој број кошула треба да купи, знаеше кои зборови да ги напише во картичката за нивната годишнина, знаеше која е бојата на подарокот кој тој треба да го има, а го посакува веќе долго време. Таа вечер не му купи ништо, но му подготви топено чоколадо со неговите омилени печени бадеми и пикантен додаток на печурки кои ги јадеа постојано во овој период од годината. Оние од кои добиваа убави соништа во друга димензија.
Се доближи до масата и почна да го јаде десертот, а таа танцуваше на средината на собата. Како и секогаш, знаеш дека е прекрасно, и рече и се доближи да ја бакне, но таа го одбегна бакнежот. Ми се лоши од премногу чоколадо, ќе пробам подоцна, а мислам дека и нешто не е во ред со мене, ми се повраќа од секаква миризба, му одговори.
Си го допре стомакот и не можеше да изговори ништо повеќе. Во главата само и одзвонуваа неговите зборови кои ги слушна оној ден пред осум месеци, а како да беа вчера Секој ден две исти реченици и ја јадеа душата. Ти сакаш да ми го уништиш животот. Тоа дете не е направено од љубов, јас не го сакам тоа дете.... Таа сега ќе ја подготвуваше детската соба, а не топено чоколадо со бадеми. Ова беше сосема доволно, таа не смееше да биде судија на нечив туѓ живот. Мала и неважна, која беше таа да решава за таа судбина и малиот невин човек. Секој допир на нејзиниот стомак ја бодеше во срцето. Осум месеци се прашуваше како ќе изгледаше тоа мало суштество кое знае ќе го сакаше најмногу на светот.
Тој се заклати зад неа. Се приближи, но се тетеравеше. Ја прегрна одзади. Солзи се слеаа по нејзиното лице. Не ти е добро сончогледу мој, го праша. Да, не знам што ми е, оддеднаш ми е некако чудна собава, а и како да ми е ладно, одговори тој со поглед кој скита во далечината низ прозорецот. Епа можеби треба да легнеш, можеби е од печурките, му помогна до креветот и појде во кујната да донесе вода. Кога се врати тој веќе ги беше затворил очите и нешто зборуваше како во сон. Му се приближи и само го гледаше.
Кога тој ги отвори очите ја виде како стои над него со неговиот нож, оној кој му го подарија другарите за еден од родендените. Што правиш, ја праша. Ти го земам најмилото што го имаш, како што ти мене ме натера да го дадам најмилото што го имав, изусти суво. Тој сакаше да се поткрене, но немаше сила, имаше премногу печурки во чоколадото овој пат. И ги грабна рацете, почна да се спротивставува, при тоа ја испосече по дланките, но таа на крајот го надвладеа. И онака си полумртов, не се опирај, знаеш дека секогаш го спроведувам она што го сакам, и го погледна длабоко во очи, крај е најмил мој, твојата курва ќе ти помогне да се покаеш, и во само еден потег му го пресече гркланот. Се слушна кркорење, потече неговата врела злобна крв, немаше грч, само неговите стаклени зелени очи останаа да ја гледаат.
Додека ги вадеше ракавичките од рацете се прашуваше каде е досега, зошто не доаѓа. Снегот се повеќе се напластуваше во паркот, стануваше ладно. Ги виде лузните. Се сети. Сликите се редеа една по друга. Тој нема да дојде во паркот. Нема да дојде бидејќи тој веќе е тука, во паркот. Точно под клупата на која таа седи. Точно под клупата на која за прв пат и кажа дека ја сака. Точно на клупата каде таа му кажа дека го убила нивното дете, а тој беше задоволен затоа што го доби тоа што го сака. Точно под клупата каде таа го закопа неговото бедно тело.
Ги избриша солзите. Стана од клупата и го затресе капутот од снегот. Зачекори по снежната патека. Тргна во својот свет во ноќта, живот во кој секој ден пие апчиња, за шизофреничари, како што слушна во некој разговор. А потоа доаѓа на клупата, го чека секоја вечер, за по некое време да се сети што сторила. И така секоја ноќ во сонот заборава на се, за следниот ден на таа клупа да ја доживее вистината одново. Како бесконечна лента ставена на repeat... нејзината казна за злосторствата што ги стори.